Mustafa Talha Öztürk
08 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
БЕЛГРАД (АА) - Меѓународниот суд во Хаг денес ја потврди доживотната затворска казна од 2017 година за поранешниот српски командант Ратко Младиќ, за неговата улога во геноцидот во Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Младиќ, наречен како „Касапот на Босна“, неуспешно поднесе жалба на неговата пресуда за геноцид и воени злосторства против човештвото во судницата во Хаг.
Рочиштето започна откако неколкупати беше одложено поради здравствените проблеми на Младиќ и пандемијата на коронавирусот.
Младиќ (78) ги предводеше силите за време на масакрот врз босанските муслимани (Бошњаците) за време на војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите години.
Исто така, беше откриено дека тој имал значителна одговорност за геноцидот врз 8.000 муслимански мажи и момчиња извршен во Сребреница во 1995 година.
Во 2017 година, судиите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, едногласно го прогласија Младиќ за виновен за убиствата во Сребреница, кои се случија кон крајот на бруталната тригодишна граѓанска војна во земјата.
- „Касапот на Босна“ -
Младиќ беше најбараниот човек во Европа по неговата улога во војната во Босна и Херцеговина 1992-1995.
Тој беше командант на Војската на Република Српска, која беше основана во Босна и Херцеговина на почетокот на граѓанската војна во земјата, при распадот на Југославија.
Тој и силите под негова команда беа поврзани со геноцидот извршен во Босна, особено во Сребреница, најголемото злосторство во Европа од Втората светска војна, откако српските сили влегоа во енклавата што требаше да биде под заштита на мировниците на ОН.
Младиќ е познат и по крвавата опсада на Сараево која траеше 1.425 дена, најдолгата опсада на главен град во историјата на модерното војување.
По крајот на војната со Дејтонскиот договор од 21 ноември 1995 година, Младиќ стана бегалец повеќе од една деценија.
Шеснаесетгодишната потрага заврши во 2011 година кога Младиќ беше пронајден и предаден на судот во Хаг на процесуирање.
Судењето на Младиќ започна на 16 мај 2012 година и заврши во декември 2016 година.
Во над 500-дневното судење беа повикани 591 сведок и имаше речиси 10.000 докази прифатени од Судот.
- Бегалецот се соочи со правдата -
Ратко Младиќ е роден на 12 март 1942 година во подрачјето на Калиновик во Босна и Херцеговина.
Тој е обучен во Воената академија на Југословенската народна армија (ЈНА) во Белград. Прво служеше во ЈНА, а потоа во Војската на Република Српска (ВРС) која беше основана во Босна и Херцеговина, со распадот на Југославија.
Војската на Република Српска е основана на почетокот на војната во Босна, на 12 мај 1992 година, а Младиќ беше нејзин командант. Силите на ЈНА во Босна исто така беа претворени во единици на ВРС.
По крајот на војната со Дејтонскиот договор во 1995 година, Младиќ стана бегалец повеќе од една деценија пред да биде фатен и процесуиран од 2012 до 2016 година.