Zylfije Adem Jakupi
07 Јули 2020•Ажурирај: 08 Јули 2020
ПРИШТИНА
Франција останува посветена на пружањето помош на Косово во поддршката на процесот на дијалог меѓу Косово и Србија, беше соопштено по состанокот на францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на Косово, Авдулах Хоти во Елисејската палата во Париз, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На состанокот се разговараше за случувањата во Косово и регионот со фокус на перспективата на евроинтеграции, како и на прашањето за визна либерализација за граѓаните на Косово“, соопшти Владата на Косово.
Премиерот Хоти го увери претседателот Макрон дека Косово е решено да ги преземе сите неопходни мерки за да покаже решеност кон својата перспектива за европска интеграција, како единствена можност за мир, стабилност и просперитет во овој дел од Европа.
Премиерот Хоти истакна дека Косово е посветено на дијалогот како важен процес, што треба да вклучува взаемно препознавање и нормализирање на односите меѓу двете земји, а Франција останува посветена да му помогне на Косово во поддршката на дијалогот меѓу Косово и Србија.
Претседателот Макрон и премиерот Хоти се согласија дека двете земји треба да соработуваат во размена на информации помеѓу двете министерства за внатрешни работи во врска со редот и правото, да работат на подобрување на економската размена меѓу двете земји и да работат заедно на промовирањето на Франкофонијата на Косово.
Владата на Косово соопшти дека односите на Косово со Франција се одлични, затоа што Франција одигра клучна улога во сите фази од изградбата на косовската држава, додавајќи дека народот на Косово е благодарен за тоа.
На крајот од средбата, премиерот Хоти го покани претседателот Макрон да го посети Косово, чија покана претседателот ја поздрави. Оваа посета ќе се одржи во иднина во погодно време за претседателот Макрон.
Во соопштението на Владата на Косово се наведува дека средбата во Елисејската палата во Париз била придружена од вицепремиерот Дритон Селманај и дека ова е прва билатерална посета на Елисејската палата на косовскиот премиер по многу години.