Ekipa
02 Ноември 2016•Ажурирај: 03 Ноември 2016
КАЛЕ (АА) - Француските власти денес започнаа да ги иселуваат преостанатите 1.500 малолетни мигранти кои живееја во близина на бегалскиот камп „Џунгла“ во Кале, кој е отстранет минатата недела, пренесува Anadolu Agency (AA).
Три автобуси со група момчиња, воглавно тинејџери, утринава ја напуштија таа област. Властите се надеваат дека до крајот на денот ќе ги иселат сите 1.500 мигранти без придружба на родител или старател, и тие ќе бидат сместени во прифатните центри низ Франција.
Децата мигранти ќе бидат сместени во околу 60 прифатни центри низ цела Франција, по што британските службеници ќе проценат дали имаат право да бараат азил во Велика Британија, беше соопштено од Регионалната администрација на Па де Кале. Останатите ќе бидат под заштита на француската Служба за социјална заштита на децата.
Францускиот претседател Франсоа Оланд претходно ги повика британските власти да го сторат она што е потребно за тие да бидат сместени во Велика Британија.
Преговорите меѓу француската и британската влада за прашањето за малолетниците без придружба беа затегнати, бидејќи и Париз и Лондон повикаа на преземање на одговорност и заштита на децата.
Француските власти минатата недела иселија околу 5.000 мигранти од кампот во градот Кале. Овој град е магнет за мигрантите од Блискиот Исток и од Африка кои настојуваат да дојдат во Велика Британија и стана еден од главните симболи на европската мигрантска криза.