Bedrudin Brljavac
24 Април 2022•Ажурирај: 25 Април 2022
ПАРИЗ (АА) - Во Франција денес се одржува вториот круг од претседателските избори на кој 48,7 милиони регистрирани бирачи ќе гласаат кој ќе биде претседател на земјата во наредните 5 години, а кандидати се актуелниот претседател Емануел Макрон и екстремната десничарка Марин Ле Пен, известува Агенција Анадолија (АА).
Гласачките места се отворени во 8 часот и се затвораат во 19 часот, а во поголемите градови гласањето трае до 20 часот.
Истражувачките центри ќе ги објават резултатите од излезните анкети веднаш по затворањето на гласачките места во вечерните часови, а официјалните резултати ќе ги соопшти Уставниот суд на Франција на 27 април.
Мандатот на новоизбраниот претседател на овие избори започнува на 13 мај.
Макрон се бори за свој втор последователен претседателски мандат, додека Ле Пен по третпат ќе се обиде да стане претседателка. Во првиот круг на изборите одржани на 20 април разликата во бројот на гласови меѓу Макрон и Ле Пен беше поголема од 3 отсто.
Макрон победи на изборите одржани во 2017 година и стана најмладиот претседател во историјата на Франција, а неговиот мандат, меѓу другото, остана запаметен по масовните демонстрации на „жолтите елеци“, како и по воведувањето на законот чија цел беше муслиманската заедница во земјата. Тој во текот на оваа предизборна кампања вети дека, доколку биде избран, неговиот нов премиер ќе биде директно одговорен за климатските прашања. Актуелниот претседател вети и дека пензиите би требало да бидат најмалку 1.100 евра.
Екстремната десничарка Ле Пен по третпат се кандидира за претседател на Франција, а вети дека, доколку биде избрана, ќе ги смени законите што го регулираат прашањето на миграциите и тоа со организирање референдум по тоа прашање. Таа вети и дека ќе го забрани носењето хиџаб на јавните места.