Alaattin Doğru
23 Март 2023•Ажурирај: 24 Март 2023
АНКАРА (АА) - Противниците на контроверзните пензиски реформи во Франција го блокираа влезот на парискиот аеродром „Шарл де Гол“, пренесува Анадолу.
Локалните медиуми објавија дека денеска низ земјата се одржува штрајк, деветти масовен штрајк од јануари, а во него учествуваат илјадници работници од различни сектори, меѓу кои транспортот, енергетиката и образованието.
Демонстрантите кои излегоа на улиците да протестираат против реформите во Париз го блокираа влезот на аеродромот „Шарл де Гол“ во Роаси.
Огранокот на синдикатот ЦДГ на својот твитер-профил објави дека синдикалните работници од десет часот го затвориле патот кон Терминал 1.
Исто така, студентите во Париз, Лион, Сент Етјен, Рубе и Нантер протестираа на многу универзитети.
Додека 50 отсто од просветните работници во земјата учествуваа во штрајкови, учениците во повеќе од 40 средни училишта во и околу Париз почнаа да протестираат.
Во многу градови, вклучително и Лил и Сен Назер, демонстрантите поставија барикади на автопатите и мостовите, попречувајќи го сообраќајот.
Освен тоа, музеите во Париз се исто така затворени за посетители.
Франција се соочува со тековни демонстрации од 16 март, кога претседателот Емануел Макрон и премиерката Елизабет Борн решија да ги искористат уставните овластувања за да го усвојат Законот за пензиски реформи без одобрение од Парламентот.
За време на тие протести дојде до насилство и вандализам, а во текот на викендот и претходните денови беа приведени стотици луѓе.
Со реформите се предвидува зголемување на старосната граница за заминување во пензија од 62 на 64 години, како и најмалку 43 години работа за да се оствари право на целосна пензија. Планот предизвика гнев во јавноста откако беше објавен минатата година, со масовни протести и штрајкови низ целата земја од јануари.