Франција го поддржа единството на Сирија, го поздрави договорот со СДФ за интеграција
„Договорот треба да овозможи напредок кон клучен момент за единството на нова Сирија: интеграцијата на Сириските демократски сили“
ИСТАНБУЛ (AA) – Франција денес повторно ја потврди својата поддршка за територијалното единство на Сирија и за политичката транзиција, по постигнувањето договор за интеграција меѓу сирискиот претседател Ахмед ал-Шара и лидерот на Сириските демократски сили (СДФ), Мазлум Абди, јавува Анадолу.
Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека Париз „останува верен на своите сојузници и на своите позиции“, нагласувајќи ја цврстата поддршка за единството и територијалниот интегритет на Сирија.
Франција го поздрави и договорот постигнат на 18 јануари, повикувајќи ги сите страни да го почитуваат.
„Договорот треба да овозможи напредок кон клучен момент за единството на нова Сирија: интеграцијата на Сириските демократски сили“, се наведува во соопштението на Министерството.
„Франција останува целосно посветена, како и досега, на поддршката на овој процес и на напорите за успешна транзиција кон обединета и стабилна Сирија, збогатена од разновидноста на сите нејзини составни делови“, се додава во соопштението.
Минатата недела сириската Влада започна воена операција, повторно преземајќи контрола врз делови од источна и североисточна Сирија, по повеќекратни прекршувања на претходните договори од страна на СДФ.
Претседателот Ал Шара во неделата најави сеопфатен прекин на огнот и договор за интеграција со СДФ, со која сите воени формации на групата треба да се повлечат источно од реката Еуфрат.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
