Yusuf Özcan
11 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
ПАРИЗ (АА) - Фоторепортерот на Агенција Анадлија (AA), Мустафа Јалчин, кој беше ранет за време на следењето на протестите поради пензиските реформи во Париз, се присети на она што му се случило.
Јалчин се присети како дошол на булеварот „Мажента“, недалеку од Плоштадот на Републиката, за да ги следи протестите во Париз.
На почетокот на протестите, како што опиша Јалчин, немало нереди, но наеднаш видел запалено возило на булеварот „Мажента“.
„Се појави чад и направив неколку фотографии. Подоцна спасувачките екипи рекоа дека во возилото се наоѓа експлозивна материја. Не беше можно да се утврди нејзината разорна моќ, па одлучив да се оддалечам. Од другата страна фотографирав уште неколку запалени возила“, изјави Јалчин.
Следуваа немири, поради што Јалчин, како што вели, се тргнал на сигурно за да не го погодат камењата.
„Со оглед на тоа и дека тука стана опасно, одлучив да се оддалечам", раскажува фоторепортерот на АА.
„Додека се оддалечував, ова се случи на средина на булеварот „Мажента“. Подоцна не видов ништо“, изјави Јалчин, кој рече дека имал безбедносна кацига и маска.
Тој додаде дека тогаш го сфатил значењето на маската и дека не може ни да замисли што би се случило да не ја имал.
„Маската што ја користев, според она што го слушнав, е една од најквалитетните во светот. И француската полиција го користи истиот бренд“, изјави Јалчин, кој додаде дека заштитниот дел е многу цврст, но дека стаклото, и покрај тоа е скршено.
Тој изјави дека со раката ја допрел маската кога забележал темница околу себе. Сериозноста на ситуацијата ја сфатил кога забележал дека стаклото е скршено.
„Се најдов на земја и веднаш побарав лекарска помош", вели Јалчин.
Тој додаде дека медицинските работници и припадници на спасувачките екипи го преместиле на сигурно за да му укажат прва помош.
Јалчин изјави дека крвта од окото му била исчистена и дека окото му е превиено, па бил преместен на друга локација. Тој додаде дека поради протестите, на екипите на итната помош им требало долго време да дојдат.
Подоцна е пренесен во болницата „Кошин“, а во ноќта од четвртокот кон петокот бил опериран.
„Операцијата требаше да трае два часа, но траеше речиси пет. Окото ми беше многу тешко повредено. Докторот изјави дека окото веќе нема да биде како порано и дека заздравувањето ќе трае долго, дури и неколку години. Би можеле да следуваат уште неколку операции“, изјави Јалчин.
Тој рече дека ги очекува резултатите од последните испитувања и дека наскоро ќе биде пуштен од болница.
Пораки и повици за поддршка му упатија челниците на АА, меѓу кои и генералниот директор, Шенол Казанџи, колегите, како во Франција, така и во Турција.
„Колегите репортери од Турција, државните официјални претставници, амбасадорот на Турција во Париз, Исмаил Хаки Муса, ми пружија голема поддршка и тоа многу ме импресионираше“, изјави Јалчин.
Се претпоставуваше дека Јалчин бил ранет од патрон на солзавец што го фрлила полицијата, меѓутоа спасувачот Ронан Пакс, кој му пружил прва помош, изјави дека станува збор за пластична бомба.
Во Франција се одржаа демонстрации во врска со пензиските реформи, поддржани од десетици илјади луѓе. Конфликти се случија во многу градови, меѓу кои е и Париз. Демонстрантите вандализираа неколку згради и возила, поради што полицијата интервенираше. Неколку известувачи и демонстранти беа ранети во интервенцијата на безбедносните сили.