Ekipa
04 Февруари 2022•Ажурирај: 05 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ѝ се закани на Русија со построги санкции во случај на ескалација на украинскиот конфликт, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Подготвивме силен и сеопфатен пакет финансиски и економски санкции“, изјави Фон дер Лајен за германскиот деловен весник „Ханделсблат“.
Таа додаде дека тоа вклучува прекинување на пристапот до странски капитал и контрола на извозот, особено на техничката стока.
Нагласи дека целта е да се направи „руската економија уште покревка“.
Пакетот санкции го вклучува „Северен тек 2“, кој минува под Балтичкото Море.
Фон дер Лајен не ја исклучи можноста за економски санкции против рускиот претседател Владимир Путин.
„Се разбира, луѓето блиски до Путин и олигарсите би можеле да бидат тешко погодени“, рече таа.
ЕУ подготвува и технолошко ембарго.
„Тоа се високотехнолошки компоненти кои Русија не може едноставно да ги замени, на пример, во областа на вештачката интелигенција и оружје, во квантните компјутери, ласерите и вселенските патувања“, објасни таа.
Со недели кај Западот постои страв од непосредна воена инвазија поради распоредувањето руски војници во пограничната област со Украина. Москва негира дека планира инвазија.
Украина и Русија се во конфликт откако избија непријателства во источниот регион Донбас во 2014 година, откако Москва нелегално го анектира полуостровот Крим.