Barry Ellsworth
12 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
ТРЕНТОН (АА) - Финансиската директорка на кинеската компанија „Хуавеј“, Менг Ванжу, е пуштена од притворот во Канада со претходно платена кауција во износ од десет милиони канадски долари (7,5 милиони американски долари), јавува Anadolu Agency (AA).
Судијата Вилијам Ерке на третото рочиште донесе одлука Менг Ванжу со кауција да може на слобода да ја чека конечната одлука за тоа дали ќе биде испорачана во Соединетите Американски Држави (САД) поради обвиненија за измама.
Повеќе лица го уплатија износот и ставија недвижнини под залог за нејзината кауција, а под залог е и нејзината куќа во Ванкувер, проценета на три милиони канадски долари.
Судијата Ерке кажа дека повеќе лица со ставањето под залог на свој имот потврдиле дека ѝ веруваат на Менг, бидејќи ќе останат без тој имот ако таа избега од Канада.
Обвинителството негодуваше поради нејзиното пуштање на слобода и тврди дека Менг би можела со авион да побегне од Канада.
Менг е ќерка на сопственикот на кинеската компанија „Хуавеј“ (Huawei), чие богатство се проценува на 3,2 милијарди американски долари.
Менг беше уапсена на 1 декември на аеродромот во Ванкувер по потерницата распишана од САД. Се товари дека преку компанијата „Скајком“ (Skycom) незаконски соработувала со Иран кој е под санкции. Во САД ѝ се заканува затворска казна и до 30 години.
Кина ги предупреди канадските власти дека ќе сносат сериозни последици доколку не ја ослободат Менг, а вчера во Кина беше уапсен и поранешниот канадски дипломат Мајкл Ковриг. Не е познато дали тоа апсење е поврзано со случајот Менг.