Tolga Yanık
15 Мај 2019•Ажурирај: 16 Мај 2019
ИСТАНБУЛ
Фејсбук објави дека привремено ќе ги забрани профилите кои преку емисии во живо ги прекршуваат правилата на заедницата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според информацијата на порталот за вести од технологијата „CNET“, Фејсбук, по масакрот во Нов Зеланд, ќе ги забрани емисиите во живо на профилите кои ги прекршуваат правилата.
Фејсбук оваа мерка за емисиите во живо ја донесе откако во месец март, напаѓачот на џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во Крајстчрч, Нов Зеланд, го емитуваше нападот во живо преку Фејсбук. Во нападот, 51 лице го загуби животот.
Официјалниот претставник на Фејсбук, Гај Розен, во својата статија на личниот блог, истакна дека корисниците кои прекршуваат одредени социјални правила ќе бидат привремено блокирани од користењето на Фејсбук во живо.
Розен истакна дека корисниците што ќе имаат забрана да емитуваат во живо нема да можат да го користат и сервисот за реклами на Фејсбук.
„Од денеска ги заоструваме нашите критериуми за пренос во живо. На пример, ако корисник сподели некоја изјава на терористичка група, ќе му биде забрането да емитува во живо“, нагласи Розен.
Фејсбук, исто така, вложил 7,5 милиони долари за развивање на подобра технологија што ќе може да спречи злонамерна употреба на видеа и преноси во живо.
Напаѓачот на џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во Крајстчрч, Нов Зеланд, преку социјалните мрежи, вклучувајќи го и Фејсбук, го емитуваше нападот во живо. Фејсбук, исто така, објави дека не биле известени за 17-минутната емисија во живо, а првата жалба пристигнала 12 минути по завршувањето на преносот од нападот.