Şenhan Bolelli
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
МАДРИД (АА) - Во Американската амбасада во Мадрид денес пристигна коверт со експлозив, еден од неколкуте кои од вчера беа испратени до странските мисии и официјални институции во Шпанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шпанската телевизија „Ла Секста“, повикувајќи се на полициски извори, наведе дека сомнителен коверт пристигнал напладне во Американската амбасада во Мадрид.
Утврдено е дека службениците од Амбасадата го препратиле ковертот до шпанскиот тим за деактивирање бомби „Тедакс“ и дека се започнати потребните анализи.
Локалните медиуми објавија, иако нема официјално соопштение за случајот, дека станува збор за коверт, кој е ист како и другите коверти со експлозивна содржина.
Мерките за безбедност се зајакнати во сите странски претставништва и државни згради во Шпанија, откако во последните 24 часа на четири различни адреси беа испратени коверти со експлозив.
Рафаел Перез, државниот секретар задолжен за безбедност во шпанската Влада, денеска изјави дека се засилени безбедносните мерки во сите странски претставништва и државни згради во земјата, по наредба на Министерството за внатрешни работи.
„Испраќаме порака до сите наши граѓани да останат смирени“, рече Перез и истакна дека ги презеле сите неопходни мерки за да им овозможат на граѓаните да продолжат со нормалниот живот.