Şenhan Bolelli
01 Декември 2022•Ажурирај: 02 Декември 2022
МАДРИД (АА) - Мерките за безбедност се зголемени во сите странски претставништва и државни згради во Шпанија, откако во последните 24 часа на четири различни адреси беа испратени коверти со експлозивен материјал, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рафаел Перез, државниот секретар задолжен за безбедност во шпанската Влада, на прес-конференција изјави дека се зголемени безбедносните мерки во сите странски претставништва и државни згради во земјата, по налог на Министерството за внатрешни работи.
„Испраќаме порака до сите наши граѓани да останат смирени“, рече Перез и истакна дека ги презеле сите неопходни мерки за да им овозможат на граѓаните да продолжат со нормалниот живот.
Канцеларијата на шпанскиот премиер Педро Санчез на 24 ноември доби писмо со експлозивна направа слична на оние испратени до Украинската амбасада.
Перез рече дека поради доверливоста на истрагата, јавноста досега не била известена за тоа.
Државниот секретар за безбедност изјави дека сите коверти вчера биле испратени во Амбасадата на Украина во Мадрид, потоа во фабриката за оружје „Инсталаза“ во Сарагоса, а утринава до воената база „Торехон де Ардоз“ и зградата на Министерството за одбрана во Мадрид.
Тој најави дека сите коверти биле со кафеава боја, дека името на испраќачот не е наведено и дека внатре имало пиротехнички експлозив.
Руската амбасада во Мадрид на социјалните мрежи ги осуди сите видови терористички акти.
„Во потполност ја осудуваме секоја терористичка закана или акција, особено оние насочени кон дипломатските мисии“, соопшти Руската амбасада.
Едно лице е повредено вчера во експлозија во Украинската амбасада во Мадрид.
Украинскиот амбасадор Серхи Похорелцев, мислејќи на Русија, рече дека бидејќи Амбасадата ги знае терористичките методи на земјата агресор, таа е подготвена за секоја вонредна ситуација.
Шпанското Министерство за внатрешни работи објави дека по инцидентот е усвоен протокол за предупредување од терористички напади.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, нареди зајакнување на безбедноста во сите дипломатски претставништва на неговата земја.