Ahmed Asmar
30 Октомври 2024•Ажурирај: 30 Октомври 2024
ГАЗА (АА) - Според медицински извори и очевидци, уште осум Палестинци, меѓу кои жени и деца, се убиени во новите израелски воздушни напади во Појасот Газа денес, јавува Анадолу.
„Цел на воздушниот напад бил бегалски шатор западно од Деир ал Балах во центарот на Газа, при што се убиени три лица, а неколку други биле повредени“, изјави изворот.
„Повеќето од повредените во израелскиот напад се деца“, додаде тој.
„Уште четири лица, меѓу кои едно дете и две жени, беа убиени во друг напад чија цел беше дом источно од Кан Јунис во јужниот дел на Газа“, додаде изворот.
При гранатирање од израелската артилерија насочено кон дом во Рафа во јужниот дел на Газа неколку луѓе беа повредени.
Дете, исто така, го загуби животот во израелското артилериско гранатирање во градот Џабалија во северниот дел на Газа, според очевидци.
Нападите се случија кога израелската Армија продолжи да крева во воздух повеќе палестински домови во југозападните области на Џабалија, изјавија очевидци.
Израелската Армија продолжи со смртоносниот напад во северниот дел на Газа од 5 октомври за наводно да го спречи Хамас да се прегрупира во услови на задушувачка опсада на областа. Палестинците, сепак, го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.
Според палестинската служба за цивилна одбрана, од почетокот на офанзивата се убиени повеќе од 1.000 луѓе во северниот дел на Газа.
Нападот беше последната епизода во бруталната израелска војна на Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во израелските напади се убиени над 43.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 101.000 се повредени.
Во израелските напади е раселено речиси целото население на територијата поради тековната блокада што доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во Газа.