Recep Şakar
28 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
МЕЛБУРН (АА) - Со брзина до 270 километри на час, ураганот Деби го погоди австралискиот регион Квинсленд, а најмалку 35.000 лица останаа без снабдување со електрична енергија, јавува Anadolu Agency (AA).
Метеоролошкиот завод на Австралија јави дека силниот ураган го погодил северниот дел на Квинсленд, поради што привремено се затворени најмалку 400 училишта и градинки во тој регион.
Најтешко се погодени подрачјата Бовен, Макај, Витсандеј и Ерли Бич каде што и денес продолжува налетот на ветрот со брзина до 270 километри на час. Во тие региони веќе се блокирани сообраќајниците бидејќи ветерот превртуваше дрвја и возила.
Премиерката на Квинсленд, Анастасија Паласчук, го повика локалното население на внимание и да не ги напушта своите домови.
„Нè очекува долг и тежок ден, но уверена сум дека сме подготвени на тоа бидејќи претходно предупредувавме на тоа што нè очекува. Сите служби за итни интервенции се подготвени за на терен“, истакна Паласчук.
И австралискиот премиер Малком Турнбул вчера ги повика жителите да бидат внимателни и да ги почитуваат инструкциите на надлежните служби.
Владата ги ангажира здравствениот сектор, војската, полицијата и другите служби да им помогнат на жителите од подрачјата погодени од невремето.
Последниот тропски ураган кој ги погоди Квинсленд, Соломонските Острови, Папуа Нова Гвинеја и Вануату беше ураганот Јаси, кој во 2011 година предизвика материјална штета во износ од 3,6 милијарди долари.