Mahmut Geldi
23 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
ГАЗА (АА) ‒ Томас Вајт, директорот на Агенцијата на Обединетите нации за помагање на палестинските бегалци (UNRWA) за операциите во Газа, рече дека имаат за цел да соберат 1,6 милијарди долари од меѓународната заедница во 2022 година за хуманитарна помош на Газа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На средбата со новинарите во неговата канцеларија во Газа, Вајт рече дека 81,5 отсто од населението во опколениот Појас Газа живее под прагот на сиромаштија и има потреба од итна хуманитарна помош, а на околу 50 отсто од децата им е потребна психолошка поддршка.
Посочувајќи дека во рамките на програмата за првиот квартал од оваа година во Газа е поделена помош во храна во вредност од 28 милиони долари за 1.140.000 бегалци во Газа, Вајт нагласи дека оваа година имаат за цел да добијат 1,6 милијарди долари од меѓународната заедница за хуманитарна помош на Газа.
Тој додаде дека со предвидената помош ќе можат да им служат на милиони Палестинци во регионот преку различни програми.
Осврнувајќи се на потребата од реконструкција на разрушувањата настанати како резултат на нападите на Израел врз Газа во мај 2021 година, Вајт рече дека обезбедиле 15,2 милиони долари во готовина за 7.150 палестински семејства чии домови се оштетени.
Директорот Томас Вајт, исто така додаде дека имаат за цел да обезбедат парична помош за 7.700 палестински семејства чии куќи се оштетени или целосно уништени до крајот на март.
Израел во 2006 година од копно, море и воздух го блокира Појасот Газа, во кој живеат приближно 2 милиони Палестинци.