УНРВА: Израелските наредби за затворање на училишта може да остават 800 палестински деца без образование
- Израелските наредби за затворање на шест училишта управувани од ОН во окупираниот Источен Ерусалим може да лишат од право на образование околу 800 палестински ученици, предупреди денес Агенцијата за палестински бегалци на ОН (УНРВА)

АНКАРА (АА) - Израелските наредби за затворање на шест училишта управувани од ОН во окупираниот Источен Ерусалим може да лишат од право на образование околу 800 палестински ученици, предупреди денес Агенцијата за палестински бегалци на ОН (УНРВА), јавува Анадолу.
Израелските власти наредија затворање на училиштата во бегалскиот камп Шуфат до 8 мај, со образложение дека немаат дозвола за работа. Со овие наредби никому нема да му биде дозволено да влезе во училиштата - ниту на директорите, ниту на наставниците, ниту на другиот персонал.
„Овие наредби се во спротивност со обврските што Израел ги има во согласност со меѓународното право“, соопшти УНРВА.
Во вторникот заедничка делегација од 12 партнери на УНРВА го посети кампот во знак на меѓународна поддршка против израелските мерки и за да ги слушне од прва рака сведоштвата на учениците, родителите и персоналот.
„Училиштата на УНРВА во Шуфат се дел од социјалната ткаенина на кампот со децении, овозможувајќи им на децата квалитетно образование во близина на нивните домови“, се вели во соопштението на агенцијата.
„Малите девојчиња сега стравуваат дека нивните соништа да станат докторки или научнички ќе исчезнат доколку го изгубат пристапот до образованието.“
Овие мерки се гледаат како дел од пошироката кампања на Тел Авив против УНРВА и нејзиниот мандат за поддршка на палестинските бегалци.
Во октомври 2024 година израелскиот Парламент (Кнесет) усвои два закона со кои се забранува работењето на УНРВА во Израел и на окупираните територии, како и секој контакт меѓу израелските власти и агенцијата. Законите стапија на сила на 30 јануари.
Израел тврди дека вработени во УНРВА биле вклучени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година – обвинување што ОН категорично го отфрли.
УНРВА, основана во 1949 година, е клучен извор на поддршка за палестинските бегалци, обезбедувајќи помош за речиси 5,9 милиони лица во Газа, Западен Брег, Јордан, Сирија и Либан.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.