Betül Yürük
16 Декември 2020•Ажурирај: 16 Декември 2020
ЊУЈОРК
Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) истакна дека нема пристап до милиони деца на кои им е потребна помош во Тиграј поради судирите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на УНИЦЕФ се наведува дека од почетокот на ноември во регионот Тиграј, Етиопија, немаат пристап до 2,3 милиони деца на кои им е потребна хуманитарна помош и упати повик за итен одржлив и безусловен пристап на хуманитарна помош.
Исто така се бара од властите да не го ограничуваат движењето на цивилите кои бараат безбедни места.
„Ние сме крајно загрижени од тоа што ако пристапот до децата се одложува, ситуацијата уште повеќе ќе се влошува. Заштитата и обезбедувањето хуманитарна помош на овие деца, од кои голем број се бегалци и внатрешно раселени, треба да бидат приоритет“, истакна извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.
Во регионот каде што стотици илјади луѓе се раселени од конфликтите, ОН и многу невладини организации бараат дозвола од Владата на Адис Абеба за големи хуманитарни активности.
Се наведува дека илјадници луѓе ги загубиле своите животи, а скоро 50 илјади луѓе се засолниле во Судан во воената операција што ја започна етиопската национална Армија на 4 ноември, веднаш по нападите на бунтовничкиот Народен ослободителен фронт „Тиграј“ (TPLF), кој управува со покраината.