Mehmet Yılmaz
03 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
БИДИМПЕШТА (АА) - Унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Петер Сијарто, соопшти дека неговата земја на Црна Гора ќе ѝ додели бодликава жица во должина од 25 километри, за поставување на границата со Албанија во рамките на борбата со бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
Унгарската информативна агенција (МТИ) информираше дека министерот Сијарто кој се наоѓа во посета на Црна Гора, изјавил дека постои зголемен притисок од бегалците врз подрачјето на Западен Балкан, тврдејќи дека подрачјето започнало да наликува на ситуацијата од 2015 година.
Изјавувајќи дека ситуацијата е полоша од онаа во Грција од 2015 година, Сијарто смета дека за разлика од ситуацијата пред 3 години, сега притисокот е врз Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Сијарто истакна дека мигрантите формирале нови рути и ја потврди подготвеноста на Унгарија да ѝ помогне на Црна Гора во борбата против мигрантите. „Заштитата на границите на Црна Гора е во интерес на Будимпешта. Полициските сили договорија поставување на 25 километри бодликава жица по должината на црногорско-албанската граница, со цел Подгорица да ги заштити своите најслаби подрачја и да ја спречи илегалната миграција“, изјави унгарскиот министер.
- Превентивни мерки што ги презема Унгарија против бегалците -
Унгарија како дел од Вишеградската група, заедно со своите партнери Чешка, Полска и Словачка, на своите граници постави дополнителни воени и полициски сили како превентивна мерка против мигрантите.
Со цел да го запре мигрантскиот бран, Унгарија на границата со Србија и Хрватска постави бодликава жица, прогласи вонредна ситуација во граничното подрачје и ги зголеми казните за илегалното преминување на границата.
Унгарија објави дека според Законот што беше усвоен минатата година во унгарскиот Парламент, мигрантите, меѓу кои имаше и деца, се принудени во периодот на барање и аплицирање за азил да престојувааат во камповите на границата, а бегалците што ќе бидат фатени на територијата на Унгарија, која во потполност е опколена со бодликава жица, ќе бидат депортирани од земјата.
Невладините организации ги обвинуваат унгарските безбедносни сили дека спроведуваат насилство врз мигрантите кои се обидуваат да влезат во земјата и со присила ги враќаат во Србија.
Според системот на квоти што го воведе ЕУ за решавање на бегалската криза, Унгарија треба да прими 1.294 мигранти, но Унгарија силно се спротивставува на тој план.