Ekipa
31 Мај 2019•Ажурирај: 02 Јуни 2019
БУДИМПЕШТА
Унгарската полиција го приведе капетанот на крузерот, кој вечерта на 30 мај, додека пловел во реката Дунав во Будимпешта, се судри со туристички брод, полн со јужнокорејски туристи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Засега е потврдено дека животот го загубија 7 лица, 7 се спасени, а продолжува потрагата по 21 исчезнат.
Членовите на семејствата на настраданите и исчезнатите тргнале од Јужна Кореја и се очекува денес да допатуваат во главниот град на Унгарија.
Полицијата во четвртокот вечерта соопшти дека е приведен 64-годишниот украински државјанин, капетан на крузерот, кој е осомничен за загрозување на водениот транспорт, што предизвика несреќа со смртни последици.
Група од 30 туристи, заедно со двајца водичи и фотограф, била во обиколка на Будимпешта, кога нивниот брод се судрил со крузерот „Викинг“. На туристичкиот брод се наоѓале и двајца членови на екипажот.