Mehmet Yılmaz
03 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
БУДИМПЕШТА (AA) - Министерот во унгарската Влада, Лазар Јанош вчера изјави дека новата жичена ограда долж границата со Србија ќе биде завршена до први мај, јавува Anadolu Agency (AA).
Потсетуваме, Јанош на 23. февруари потврди дека Владата на Унгарија донела одлука за подигнување нова ограда долж границата со Србија.
„Втората жичена ограда што ќе биде подигната во должина од 150 километри на унгарско-српската граница ќе биде опремена со обични камери, термални камери и со други технички инструменти“, соопшти Јанош на денешната конференција за новинарите во Будимпешта, и додаде дека на поставувањето на втората ограда работат околу 700 затвореници.
Тој истакна дека вонредната состојба, која во земјата е прогласена на 9. март минатата година, ќе биде продолжена за уште шест месеци.
„Донесена е одлука вонредната состојба да биде продолжена до 7. септември, бидејќи на подрачјето на Балканот околу 800 илјади лица се со нерешен статус. Овие луѓе ниту можат да се вратат во Турција, ниту може да влезат во Европа“, рече Јанош.
Тој објасни дека бегалците кои поднеле барање за престој, во рамките на вонредната состојба нема да можат да се движат слободно во земјата.
Јанош во претходните изјави тврдеше дека со подигнувањето на новата ограда долж границата со Србија дополнително ќе се заштитат границите, но и ќе се зголеми безбедноста на граѓаните на Унгарија.
Унгарските власти наводно издвоиле 38 милијарди форинти, односно околу 123,5 милиони евра за новата заштитна ограда.