Büşra Nur Çakmak
08 Јуни 2022•Ажурирај: 09 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Украинскиот претседател ги критикуваше неодамнешните коментари на неговиот француски колега кој ја повика меѓународната заедница „да не ја понижува Русија“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На разбирам... да не се понижува Русија? Осум години нѐ убиваат. За што зборуваме овде?“, изјави Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“ (Financial Times), објавено вчера.
Зеленски рече дека францускиот претседател Емануел Макрон знае дека Русија не успеала да ги спроведе претходните мировни договори во рамките на Процесот во Минск и дека овие договори не ги прекинале борбите во Донбас од 2014 година.
Макрон во петокот, речиси повторувајќи ја изјавата што ја даде на почетокот на мај, рече: „Не смееме да ја понижуваме Русија за да можеме на денот кога ќе престанат борбите да изградиме излезна рампа преку дипломатски средства.“
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, исто така, упати остри критики кон француското раководство во понеделникот, наведувајќи на Твитер: „Повиците да се избегне понижување на Русија може само да ја понижи Франција и секоја друга земја што ќе повика на тoa. Затоа што Русија е таа што самата се понижува. Сите ние подобро да се фокусираме на тоа како да ја ставиме Русија на нејзино место. Ова ќе донесе мир и ќе спаси животи.“
Во интервју за италијанската јавна телевизија РАИ (RAI) на 13 мај, Зеленски изјави дека Макрон побарал од Украина да отстапи дел од нејзините земји за да постигне мировен договор со Русија.
На прашањето за идејата на Макрон дека Русија не треба да се „понижува“, Зеленски одговори луто, плашејќи се дека тоа ќе го нахрани непријателството и ќе доведе до нова војна.
„Да ни се предложи да се откажеме од нешто што се однесува на нашиот суверенитет за да го спасиме лицето на претседателот Путин, не изгледа како праведна работа од страна на некои лидери“, рече тој.
„Не сме подготвени да спасиме нечиј лик плаќајќи со нашите територии, мислам дека тоа не е фер“, инсистираше украинскиот лидер, нарекувајќи ја сугестијата „загубено време“.
Сепак, тој призна дека ќе биде тешко да се дислоцира Русија од деловите на Украина што таа ги контролираше пред војната, како што се Крим и другите источни територии.