Emre Aytekin
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
ПЕКИНГ (АА) ‒ Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, ја повика Кина да посредува за прекин на огнот во војната со Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи, министерот Ванг Ји остварил телефонски разговор со својот украински колега Кулеба.
За време на разговорот, Кулеба го информирал Ванг за првата рунда преговори меѓу Украина и Русија и нагласил дека завршувањето на конфликтот е главен приоритет на неговата земја.
Посочувајќи дека Украина е за постигнување решение преку преговори, Кулеба рече дека искрено пристапува кон преговорите со Русија и дека сака да ги унапреди разговорите со задржување на смиреноста, и покрај тешкотиите со актуелната ситуација.
Кулеба, меѓу другото, истакна дека Киев е подготвен да ја зајакне комуникацијата со Кина и очекува посредништво на Кина за прекин на огнот.
Кинескиот министер Ванг, наведувајќи дека го следат конфликтот во Украина и дека се загрижени за штетата врз цивилите, нагласи дека Кина ги повикува страните да го решат проблемот со преговори и дека ги поддржува сите конструктивни меѓународни напори кои ќе придонесат за политичко решение.
Истакнувајќи дека Кина секогаш го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, Ванг посочи дека безбедноста на едната земја не треба да ја загрозува безбедноста на другата и дека регионалната безбедност не треба да се обезбедува со проширување на воените блокови.
Посочувајќи дека приоритет е да се намали тензијата и да се спречи конфликтот да излезе од контрола, Ванг рече дека не треба да се нанесува штета на цивилите и да се предизвикува хуманитарна криза.
Кинеската страна, исто така, побара да се осигура безбедноста на кинеските граѓани во Украина и да се поддржи процесот на евакуација.