Davit Kachkachishvili
06 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
БОРОДЈАНКА (АА) - Иако Украинската армија ја врати контролата над Бородјанка, таа сега е уништен град со уништени згради и изгорени оклопни возила.
Агенција Анадолија направи фотографии од градот зафатен со војна во кој руските војници беа присутни и каде што со недели имаше тешки судири, до пред околу четири дена.
Изгорени оклопни возила можат да се забележат насекаде, додека нема струја, вода, гас, а на улиците има многу малку луѓе.

Училиштата, куќите и становите во центарот на градот се сериозно оштетени како резултат на воздушните и копнените напади.
Свештеник се моли пред резиденцијата во центарот на градот, кој беше уништен од руските воздушни напади.
Четириесет и двегодишна мајка на три деца, која живее во Бородјанка, рече дека Руската армија извршила тешки напади за време на раните денови од војната.
Не го кажа своето име, но рече дека децата биле гладни, бидејќи не се во можност да излезат од нивниот дом за храна.

„Децата не сакаа да видат никого. Ние само се молевме на Бога да се заврши војната и се молевме да се повлечат авионите.“
Во меѓувреме, може да се видат тенкови, оклопни возила, танкери и илјадници цивилни возила кои горат по судирите на Автопатот „Киев - Житомир“, кој овозможува пристап до Бородјанка.
Исто така, може да се видат и оклопни возила кои станаа непрепознатливи за време на тешкото бомбардирање и тела на цивили кои загинаа за време на судирите на патот.

Војната на Русија со Украина, која започна на 24 февруари, беше пресретната од меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Најмалку 1.480 цивили загинаа во Украина, а 2.195 беа повредени, според проценките на ОН, но се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Повеќе од 4,24 милиони Украинци заминаа во други земји, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.