Burç Eruygur
16 Јуни 2023•Ажурирај: 17 Јуни 2023
ИСТАНБУЛ (АА) – Киев тврди дека неговите сили успешно напредуваат во повеќе правци во контраофанзивата, меѓу кои и кон Бахмут, главно жариште во руско-украинската војна, пренесува Анадолу.
„На исток, непријателот продолжува да концентрира значителен број сили и ресурси и повлекува резерви од други правци. Конкретно, непријателска единица на амфибиски јуришни трупи беше преместена од југ кон исток“, истакна украинската заменик-министерка за одбрана, Хана Малиар, на Телеграм.
Малиар додаде дека „успешни“ офанзивни дејства сѐ уште се спроведуваат од украинските сили во правец на Бахмут, како и во подрачјата на Бердијанск и Мариупол каде што „има напредок во сите правци на напади“.
„Русија го зголеми бројот на ракетни и воздушни напади, како и артилериски и минофрлачки напади“, соопшти таа, додавајќи дека украинските сили се соочуваат со силен отпор.
„Непријателот се обидува со сите сили да го спречи напредувањето на нашите трупи. Во исто време, офанзивата продолжува во неколку правци, нашите бранители постепено, но сигурно напредуваат и му нанесуваат значителни загуби на непријателот“, посочи Малиар.
Руските власти сѐ уште не излегоа со коментар, а независната потврда на тврдењата на заменик-министерката за одбрана е тешка поради тековната војна.
Во саботата, украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека украинската армија презема „соодветни контраофанзивни и одбранбени акции“ против Русија на линијата на фронтот.