Dmitri Chirciu
11 Април 2022•Ажурирај: 11 Април 2022
КИЕВ АА) - Вкупно 2.824 украински цивили се евакуирани вчера од воените зони во безбедни области преку хуманитарните коридори, објави вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Од опасните подрачја евакуирани се 2.824 лица. Во текот на денот, 2.622 лица од Мариупол стигнале до градот Запорожје со лични возила и автобуси. Од нив 213 се евакуирани од градот Мариупол, а останатите од градовите Полохи, Василивка, Мелитопол и Бердјанск“, соопшти Верешчук преку видеопорака.
Таа додаде дека и покрај „константното прекршување на примирјето од страна на окупаторите“ во регионот на Луганск, 202 лица биле евакуирани од градовите Лисичанск, Северодоњецк, Рубижне, Попасна и Кремина.
Истакнувајќи дека некои од автобусите испратени на евакуација биле блокирани од руската војска, Верешчук рече дека ќе продолжат со евакуацијата.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународен гнев, а Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу останатите, имплементираа строги економски казни кон Москва.
Најмалку 1.793 цивили загинаа во Украина, а 2.439 се повредени, според проценките на Обединетите нации (ОН), од каде велат дека вистинската бројка веројатно е многу поголема.
Над 4,5 милиони Украинци пребегале во неколку европски земји, а уште милиони се раселени во земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.