Burç Eruygur
26 Октомври 2022•Ажурирај: 27 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук ги советува Украинците кои живеат во странство да останат надвор од земјата до пролет поради можни руски напади во зимските месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За жал, мрежите [електрични мрежи и сл.] не можат да издржат... Ако имате можност да ја поминете зимата во странство, вреди да се направи тоа“, рече Ирина Верешчук.
Таа рече дека Русија се свртела кон тероризирање на цивилното население, велејќи дека губи на бојното поле.
Верешчук, која е министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии, истакна дека би сакала Украинците напролет заедно да ги обноват регионите Харков и Херсон и сите други градови и села во Украина.
„Враќањето назад сега значи преземање ризик, како за себе, така и за вашите деца и роднини“, рече Верешчук.
Украинската Влада во четвртокот објави дека ќе ја намали потрошувачката на енергија низ целата земја за 20 отсто поради помалото производство во оштетените енергетски капацитети.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски минатата недела објави дека 30 отсто од електраните во Украина биле уништени во нападите од 10 октомври.