Според Зеленски, парадата за Денот на победата во Москва е „парада на цинизам“
- „Или Русија мора радикално да се смени или светот ќе мора да се смени“, изјави украинскиот претседател

ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, денес парадата во руската престолнина Москва по повод Денот на победата закажана за 9 мај ја опиша како „парада на цинизам“, известува Анадолу.
„Утре организаторот на масовните гробници во Буча ќе ги разоткрие злосторствата на нацистите, а оние што ја организираа блокадата на Мариупол ќе зборуваат за опсадата на Ленинград. Тоа ќе биде парада на цинизам“, рече Зеленски.
„Едноставно, не постои друг начин да се опише тоа. Парада на лаги“, рече украинскиот претседател.
Зеленски потсети на учеството на голем број сојузнички земји во победата над нацистичка Германија.
„Како да не се десетици сојузнички држави, туку самиот (рускиот претседател Владимир) Путин да го победил нацизмот. Како со сопствени раце да го кренал знамето на победата над Рајхстагот во Берлин“, рече Зеленски во видеообраќањето по повод Денот на сеќавањето на Украина и победата над нацизмот во Втората светска војна.
Зеленски истакна дека неговата земја се бори за мир и разбира што е потребно за да се постигне тоа, тврдејќи дека „или Русија мора радикално да се смени или светот ќе мора да се смени“.
Украинскиот претседател рече и дека она што се случи пред 80 години јасно им покажа на сите дека „злото не може да се смири“, туку дека против него мора да се борите со сила „секаде каде што тоа е можно“.
Зеленски ги даде изјавите неколку часа откако тридневниот едностран прекин на огнот во Украина, кој Путин го најави минатиот месец, стапи на сила на полноќ и ќе остане на сила до полноќ на 11 мај.
Прекинот на огнот е прогласен поради одржувањето на годишната воена парада на Црвениот плоштад во Москва на 9 мај со учество на странски лидери, во знак на одбележувањето на 80-годишнината од Денот на победата.
Денот на победата се слави на 9 мај во Русија и во други земји, вклучително и во некои поранешни советски републики, за да се одбележи победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во времето на Втората светска војна.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.