Diyar Güldoğan
24 Декември 2017•Ажурирај: 25 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Украинскиот претседател Петро Порошенко им се заблагодари на САД за донесената одлука за обезбедување на Украина со одбранбено оружје, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Благодарен сум на претседателот Доналд Трамп, за јасната позиција на сите наши американски пријатели и за силната двострана поддршка на Украина“, вели Порошенко.
Украинскиот претседател изјави дека ваквиот чекор на Вашингтон бил соодветен одговор на окупацијата на украинска територија и неуспехот на Русија да ги исполни своите цели.
Тој истакна дека американското оружје во рацете на украинските војници нема да биде злоупотребено, туку ќе се користи за посилен отпор кон Русија и за заштита на украинските војници и цивили, како и за самоодбрана.
„Тоа е, исто така, трансатлантска вакцинација против рускиот вирус на агресија“ , додаде Порошенко.
Неговите забелешки дојдоа ден откако портпаролот на Стејт департментот, Хедер Ноерт, објави дека САД Украина ќе ја опремат со подобрени одбранбени способности за да ѝ помогнат на земјата да го одбрани својот суверенитет и територијален интегритет.
Судирите во источниот дел на Украина траат од април 2014 година, откако Русија изврши анексија на Крим.
Генералното собрание на ОН гласаше за прогласување на руската анексија за незаконска.
Заедно со многу земји на ОН, САД, ЕУ и Турција исто така не го признава Крим за руска територија.