Bahattin Gönültaş
24 Декември 2017•Ажурирај: 24 Декември 2017
КАРТУМ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, пристигна во Картум, во дводневна посета на Судан со цел продлабочување на односите меѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Пристигнувајќи во суданскиот главен град, турскиот претседател ја започна турнејата во која се планира да посети три земји од регионот. Ердоган ќе ги посети и Чад и Тунис во вторник и четврток.
Турскиот претседател е придружуван од голема делегација која ја сочинуваат: министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за образование Исмет Јилмаз, министерот за земјоделство Ахмет Ешреф Факибаба, министерот за енергија Берат Албајрак, министерот за култура и туризам Нуман Куртулмуш, министерот за транспорт, поморство и комуникации Ахмет Арслан, министерот за економија Нихат Зејбекџи, министерот за одбрана Нуретин Џаникли, началникот на турскиот Генералштаб, Хулуси Акар, и делегација од околу 150 турски бизнисмени.
При посетата, која е прва посета на турски претседател на Судан, ќе доминираат бизнис форумите на кои ќе се разговара за инвестирање, а ќе се потпишат и голем број договори за зајакнување на постоечките економски партнерства во областа на земјоделското производство, високото образование, животната средина, од областа на одбраната, рударството, енергијата, здравството и туризмот.
За време на посетата, Ердоган треба да оствари средби со неговиот судански колега, Омар Ал-Башир, а вечрва ќе има свое обраќање во суданскиот Парламент.
Утре, турскиот претседател ќе присуствува на суданско-турскиот бизнис форум заедно со суданскиот претседател Ал Башир.
Според податоците на турскиот Институт за статистика (TurkStat), сегашниот обем на трговска размена меѓу Турција и Судан изнесува околу 500 милиони долари.
Извозот на Турција во Судан во периодот од јануари до октомври оваа година изнесуваше 328,5 милиони долари, додека увозот од Судан е 78,3 милиони долари.
Турските претпријатија во Судан работат во секторите производство, индустрија, енергија, услуги, земјоделство и во машинскиот сектор и помагаат во унапредувањето на суданската економија преку својот придонес во вработувањето.