Recep Şakar
29 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
МЕЛБУРН (АА) - Министерката за надворешни работи на Австралија Џули Бишоп, рече дека за граѓаните на оваа држава е укината забраната за патување во сирискиот град Рака, кој терористичката организација ПКК/ПЈД, со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД), ја презеде од терористите на ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Изјавата на министерката Бишоп беше објавена на веб-страницата на австралиското Министерство за надворешни работи.
„Влезот или престојот во Рака без легитимна причина веќе не е кривично дело“, рече министерката за надворешни работи на Австралија, Џули Бишоп.
Сепак, таа додаде дека од ова правило ќе бидат изземени оние што влегле или престојувале во регионот во периодот од 5 декември 2014 година до 28 ноември 2017 година, односно во периодот кога забраната беше на сила.
Бишоп рече дека австралиските државјани можат да бидат предмет на истрага или апсење. Таа, исто така, истакна дека и покрај тоа што забраната е укината, австралиската Влада продолжува да ги предупредува своите граѓани поради безбедносни ризици да не патуваат во Сирија.
„Секоја поддршка или учество во која било вооружена група во Сирија или група што се наоѓа на листата на терористички организации на Австралија, сѐ уште е незаконско“, порача Бишоп.
Според претпоставките, околу 110 австралиски државјани се борат во редовите на ДЕАШ.