Mohammad Sıo
30 Септември 2024•Ажурирај: 02 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Израелските сили ова утро извршија воздушен напад врз областа Кола во центарот на Бејрут, што е прв таков напад врз либанската престолнина од почетокот на конфликтот со Хезболах во октомври минатата година.
Како што јави дописникот на Агенција Анадолу, израелско беспилотно летало бомбардирало зграда на патот што го поврзува Бејрут со Меѓународниот аеродром „Рафик Харири“.
Нападот предизвикал пожар во зградата, а противпожарните екипи успеале да го стават огнот под контрола.
Народниот фронт за ослободување на Палестина (НФОП) потврди дека во нападот со беспилотно летало се убиени тројца негови водачи: Мохамед Абдел Аал, член на политичкото биро и шеф на воениот и безбедносниот оддел; Имад Оуда, воен командант во Либан и Абдел Рахман Абдел Аал, чија функција не е прецизирана.
Како што објави весникот „Израел хајом“, израелската Армија соопштила дека извршила напад во Бејрут и погодила цели на Хезболах во долината Бека, без да даде детали за нападот.
Израелските воздухопловни сили денес извршија напади врз упоришта на Хезболах на југот на Бејрут и во јужен Либан.
Либанската национална новинска агенција (ННА) објави дека Израел за првпат го бомбардирал и бегалскиот камп Ел-Бус во близина на Тир во јужен Либан. Хамас соопшти дека во нападот загинал Фатех Шариф, командант на групата во Либан, како и неговата сопруга, ќерка и син.
Во текот на ноќта израелските авиони ги бомбардираа и градовите Еба и областа меѓу Зебдин и Чукин во јужен Либан.
Либанското Министерство за здравство соопшти дека во израелските напади врз јужните области Тир и Бинт Џбеил се убиени 21 лице, а 125 се повредени.
На 23 септември Израел ги започна најинтензивните напади врз Либан од почетокот на судирите со Хезболах пред речиси една година.
Во нападите врз Либан се убиени најмалку 916 лица, меѓу кои има жени и деца, а повредени се 2.709, соопштија либанските власти.
Стравувањата од поширока регионална војна се интензивираа по израелското убиство на неколку лидери на Хезболах, особено на генералниот секретар Хасан Насрала.
Насрала беше убиен во воздушен напад во петокот вечер, во кој Израел наводно фрлил 85 тони бомби врз цел во населбата Харет Хреик, упориште на Хезболах во јужен Бејрут.