Diyar Güldoğan
02 Април 2024•Ажурирај: 03 Април 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Светската централна кујна (СЦК) денес потврди дека нејзини седуммина хуманитарни работници се убиени вчера во израелски напад врз Појасот Газа, известува Анадолу.
„Тим на Светската централна кујна патуваше во неконфликтна зона во две блиндирани возила означени со логотипот СЦК“, соопштија од СЦК.

И покрај координацијата на движењето со израелската војска, од СЦК истакнаа дека конвојот е погоден додека се наоѓал во магацинот во Деир ал Балах, каде што истовариле повеќе од 100 тони хуманитарна помош во храна донесена во Газа по морски пат.
„Ова не е само напад на СЦК, ова е напад на хуманитарните организации што дејствуваат во најтешки ситуации во кои храната се користи како оружје. Ова е непростливо“, изјави Ерин Гор, извршна директорка на СЦК.
Седумтемина убиени се државјани на Австралија, Полска, Велика Британија, Палестина и двоен државјанин на САД и Канада.
„Скршено ми е срцето и зачудена сум што ние - Светската централна кујна и светот - денес загубивме животи поради таргетиран напад на ИДФ (Израелски одбранбени сили)“, рече Гор.
СЦК соопшти дека „веднаш“ ги суспендира операциите во регионот.
„Наскоро ќе донесеме одлука за иднината на нашата работа“, информираа од СЦК.
Во меѓувреме израелската војска соопшти дека спроведува темелна ревизија на највисоко ниво за да ги истражи околностите на трагичниот инцидент.
САД вчера изразија жалење поради убиството на хуманитарните работници на хуманитарната организација со седиште во САД.
Адриен Вотсон, портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, го повика Израел брзо да истражи што се случило.
Израел, обвинет за геноцид, започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени околу 32.845 Палестинци, вклучително најмалку 14.280 деца и 9.340 жени, а повеќе од 75.392 се повредени во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни средства за опстанок.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) одреди дополнителни привремени мерки, вклучително и „непречено давање“ помош во Појасот Газа, во рамките на постапката за геноцид што е во тек против Израел на барање на Јужноафриканската Република.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.