Ahmed Asmar
03 Септември 2024•Ажурирај: 04 Септември 2024
АНКАРА (АА) - Денес се пријавени голем број палестински жртви како последица на континуираните израелски напади и гранатирања низ Појасот Газа, јавува Анадолу.
Палестинската официјална новинска агенција Вафа соопшти дека двајца Палестинци се убиени, а има и повредени во израелскиот воздушен напад врз шатор во северозападниот дел на Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа.
Во бегалскиот камп Буреиј во централниот дел на Појасот Газа израелските воени авиони нападнаа дом, а израелските воени возила пукаа кон кампот, при што има жртви.
Во северниот дел на Појасот Газа израелската армија разнесе неколку згради во населбата Зејтун, јави Вафа.
Палестинските здравствени власти допрва ќе ги коментираат израелските напади и бројот на жртвите.
Според локалните здравствени власти, во тековната израелска војна во Појасот Газа се убиени речиси 40.800 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се над 94.200.
Тековната блокада на енклавата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.
Израел се соочува со обвиненија за геноцид за своите постапки во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.