Gülşen Topçu,Hamdi Yılmaz
03 Септември 2024•Ажурирај: 04 Септември 2024
ГАЗА (АА) - Приближно 159.000 деца се вакцинирани вториот ден од кампањата за вакцинација против детска парализа во централниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
Министерството за здравство во Газа на својот профил на социјалната мрежа Телеграм објави писмено соопштение во кое се наведува дека кампањата за вакцинација, организирана од Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), за деца под 10-годишна возраст предизвикала интерес кај популацијата во централниот дел на Појасот Газа.
Во соопштението се наведува дека вториот ден од кампањата во централниот дел на Газа биле вакцинирани 158.992 деца.
Вакцинацијата против детска парализа опфаќа повеќе од 600.000 деца на возраст под 10 години во Појасот Газа, која се спроведува во соработка на Светската здравствена организација (СЗО) со палестинското Министерство за здравство, Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).
СЗО најави дека кампањата за вакцинација во Деир ал Балах, кој се наоѓа во централниот дел на Појасот Газа, ќе продолжи до 4 септември.
Кампањата за вакцинација против детска парализа за деца под 10-годишна возраст започна во градот Хан Јунис на југот на Појасот Газа вечерта на 31 август.