Emre Aytekin
28 Јуни 2019•Ажурирај: 01 Јули 2019
ОСАКА (АА) - Доналд Туск, претседателот на Советот на Европската Унија (ЕУ), одговорајќи на рускиот претседател, Владимир Путин, кој пред почетокот на Самитот Г-20 коментираше дека „либерализмот станал неефикасен“, рече: „Според мене, всушност неефикасни се авторитаризмот, индивидуалните култови и управувањето на олигарсите“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Туск во интервјуто за британскиот весник „Фајненшал тајмс“ пред Самитот на Г-20 во Осака, Јапонија, го критикуваше коментарот на Путин дека „либерализмот станал неефикасен“.
Туск, нагласувајќи дека Европејците треба докрај да го бранат и поддржат либерализмот, рече: „Тој што тврди дека либерализмот станал неефикасен, кажува дека слободите, владеењето на правото и човековите права станаа неефикасни“.
Истакнувајќи дека изјавата на Путин нема смисла, Туск нагласи: „Според мене, всушност неефикасни се авторитаризмот, индивидуалните култови и управувањето на олигарсите... И покрај тоа што понекогаш може да се видат како ефективни... Ние како Европејци тука сме докрај да ја браниме и поддржиме либералната демократија.“
Рускиот претседател Путин во интервјуто објавено денеска во „Фајненшал тајмс“ рече: „Идејата за либерализмот веќе не е ефикасна, таа се судира со интересите на мнозинството на населението.“
Двајцата лидери се наоѓаат во Осака, Јапонија, за Самитот на лидерите Г-20.
Како земја која претседава со Групата 20, Јапонија подготви програма во која се нагласени следните теми: Економски раст, Квалитетна инфраструктура, Борба против корупција, Развој, Вработување, Дигитална економија, Здравство и Земјоделство. Во програмата на Г-20 за 2019 година се сместени и темите „Ефикасност на ресурсите“ и „Морски пластичен отпад“.
Планирано е на овогодишниот Самит фокусот да биде ставен и на борбата против климатските промени.
Самитот Г-20 е форум на владите и централните банки на 20-те водечки економии во светот, кои ја вклучуваат Европската Унија и 19 земји - Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Турција, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.