Bayram Altuğ
25 Ноември 2020•Ажурирај: 26 Ноември 2020
ЖЕНЕВА (АА) - На 111. состанок на Советот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), турските научници Угур Шахин и Озлем Туреџи, кои развија нов вид вакцина за коронавирусот (Ковид-19), беа претставени како пример за успех, јавува Агенција Анадолија (АА).
Антонио Виторино, генерален директор на Миграциската организација ИОМ при ОН, зборуваше на тековниот состанок на Советот што се одржува во седиштето на организацијата во Женева, Швајцарија.
„Наша цел е да им ја олесниме, а не е да им ја отежнеме работата на мигрантите и раселените популации и заедниците (што се нивни домаќини)“, рече Виторино, посочувајќи дека тоа е можно со намалување на трошоците или со инвестирање во образованието и вештините на овие луѓе, како што е предвидено со Глобалниот договор на ОН.
Зборувајќи дека не треба на одредена личност да ѝ се суди единствено според нејзините економски или социјални придонеси, Виторино истакна дека тоа што двајца од научниците, кои развија една од најперспективните вакцини против Ковид-19, се деца на турски имигранти, потсетува дека имиграцијата навистина може да обезбеди корист за сите.
„Имигрантите се составен дел од нашето општество и треба да бидеме благодарни за тоа“, рече Виторино.
Од друга страна, на 111. состанок на Советот на ИОМ беше одобрено членството на Русија, а Малезија беше прифатена како набљудувач.
Угур Шахин е роден во Искендерун во 1965 година, и на 4-годишна возраст, заедно со неговата мајка, се преселуваат во германскиот град Келн, каде што неговиот татко работел во фабриката на „Форд“. По завршувањето на медицинските студии, тој ги продолжува истражувањата во полето за заболувањата од рак. Шахин за неговото истражување во 2019 година беше награден од Германското здружение за борба против ракот.
Озлем Туреџи, чиј татко бил лекар, имигрирала во Германија од Истанбул. Таа со својот сопруг Угур Шахин се запознала на Универзитетот „Сарланд“ во Хамбург, каде што го завршува своето образование.
По најавата дека германската биотехнолошка компанија „БајоНтек“ развила вакцина против Ковид-19 со ефикасност од 95 проценти, проф. д-р Угур Шахин и неговата сопруга д-р Озлем Туречи, деца на турски имигранти, кои се меѓу основачите на компанијата, постигнаа успех кој е надеж за човештвото.