АНКАРА (АА) – ШЕРИФЕ ЧЕТИН -
Насилството врз жените беше глобален социјален проблем, но со појавата на епидемијата од коронавирусот (Ковид-19) овој проблем стана уште посериозен, пишува Агенција Анадолија (АА).
Според статистичките податоци на Светската банка, насилството врз жените, дефинирано како „глобална епидемија“, погодува една од секои 3 жени.
Светската банка го подготви извештајот по повод 25 Ноември - Меѓународниот ден за борба и солидарност против насилството врз жените.
Низ светот 35 проценти од жените се подложени на физичко и/или сексуално насилство од страна на нивните сопружници, а 38 проценти од убиствата на жени се извршени од нивните сопружници.
Во просек, на ден 137 жени се убиени од страна на член на семејството, а помош бараат помалку од 40 проценти од жените што се подложени на насилство.
Околу 49 проценти од жртвите на трговија со луѓе се жени, а со вклучување на младите девојки оваа стапка се зголемува на 72 проценти.
Насилството врз жените почнува да се појавува и во развиените земји. Насилството кај жените предизвикува депресија, абортус и општи здравствени проблеми.
- Ковид-19 поттикна семејно насилство -
Податоците покажуваат дека законите против семејното насилство се во сила во 155 земји. Иако постојат прашалници во врска со усогласеноста на законите во овие земји со меѓународните стандарди, се забележува дека во практичната примена честопати има недостатоци.
Од друга страна, Комисијата за статусот на жените при Обединетите нации истакнува дека епидемијата на Ковид-19, што се појави во Вухан и се рашири низ целиот свет, покрај здравствените проблеми, длабоко влијае и на социјалниот и економскиот поредок, поттикнувајќи го семејното насилство.
Комисијата го дефинираше зголемувањето на семејното насилство по Ковид-19 како „пандемија во сенка“, и иако не е утврдено во целост, се проценува дека тоа изнесува најмалку 25 проценти.
По спроведените политики за изолација за време на периодот на Ковид-19, повеќе луѓе започнаа да работат од дома. Повиците до националните линии за помош поради семејно насилство во некои земји се зголемија 5 пати.
Ограничувањето на движењето, социјалната изолација и економската несигурност доведоа до семејно насилство. Многу жени мораа да бидат изолирани во исто домаќинство со насилникот.
Во исто време, се појавија и проблеми со услугите на центрите, каде што се јавуваа жени изложени на насилство поради Ковид-19.
- Жените со поголема веројатност да ја изгубат работата отколку мажите -
Исто така, се покажа дека поради ограничувањата и карантинот, жените се со поголема веројатност да ја изгубат работата отколку мажите.
Стапката на жени кои работат во неформалниот економски сектор достигна 60 проценти. Пандемијата предизвика милиони жени да останат без работа и да западнат во сиромаштија.
Грижата, која е дефинирана како „грижа без поврат“ и ги опфаќа децата кои не посетуваат училиште, старите лица на кои им е потребна грижа и дневните обврски, најчесто е преземена од страна на жените.
Поради оваа причина, Ковид-19 ги продлабочи и емоционалниот товар и родовата дискриминација врз жените. Стапката на загуба на работа кај овие жени, кои се грижат за децата и старите лица, е многу поголема.
- Во здравствениот сектор жените во првите редови -
Од друга страна, 70 проценти од здравствените работници и 80 проценти од медицинските сестри низ светот се жени.
Поради оваа причина, поблискиот и подолг контакт на жените што работат во првите редови со пациентите стана дополнителен фактор на ризик. Се проценува дека стапката на жени здравствени работници, кои се заразени со Ковид-19 низ светот, е двојно поголема од мажите.
Од друга страна, се смета дека економските ефекти на пандемијата ќе предизвикаат поголемо сексуално злоупотребување на жените. Исто така се проценува дека економските проблеми и тешките услови за живот може да го зголемат бројот на „деца невести“.
- Потребно е итно преземање мерки -
Приближно 48 земји спроведоа нови мерки за борба против ефектите на Ковид-19 во оваа насока. Се предупредува дека тоа не е недоволно и дека треба итно да се преземат повеќе мерки.
Исто така се наведува дека треба да се донесе повеќестепен и мултилатерален пристап на социјално ниво во борбата против насилството врз жените.
Во овој контекст, во извештајот се истакнува дека потребно е да се решат основните фактори што предизвикуваат насилство.
Ефектите од епидемијата на Ковид-19, особено врз жените, покажуваат дека напредокот постигнат со долгогодишните интензивни напори во борбата против насилството врз жените може да исчезне.