İlker Girit
12 Ноември 2016•Ажурирај: 13 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Институтот „Јунус Емре“ од своето основање во 2009 година, е установа во којашто турскиот јазик го имаат научено над 99.000 лица во 40 земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој институт е турска организација којашто има отворено 50 културни центри во светот. Преку нив се нудат уметнички, социјални и научни програми. Исто така, одржува и културни настани за промовирање на Турција и на турскиот јазик.
Овој институт е именуван според влијателниот турски поет и мистик, Јунус Емре.
Претседателот на Институтот „Јунус Емре“, Шереф Атеш, за АА изјави: „Во светот има интерес за турскиот јазик и за Турција. Турција привлекува внимание и со Османлиите како историско наследство, но и како модерна Турција“.
„Нашата работа не е само да предаваме турски јазик, туку да ги едуцираме луѓето кои ја сакаат Турција и сакаат да бидат во контакт со Турција, и да бидат во можност да му ги објаснат на светот фактите за Турција“, нагласи Атеш, додавајќи дека секој од нивните вработени е и амбасадор на културата.
Тој изјави дека во центрите на „Јунус Емре“ во странство има 322 вработени лица, вклучувајќи 189 од локалното население, кои ги спроведуваат проектите за промовирање на изучувањето на турскиот јазик. „Во моментов имаме договори со повеќе од 80 земји. Испраќаме турски учители преку Советот за високо образование во Турција“.
Атеш исто така нагласи дека изучувањето на турскиот јазик на странците не било многу дискутирано порано, но дека тоа се променило со Институтот „Јунус Емре“.
Тој изјави дека најпрво почнале со сертифицирани програми во нивното седиште во Анкара, за тоа како да им се предава турскиот јазик на странците, а подоцна започнале со практика пошироко.
„Во моментот, центрите на ‘Јунус Емре’ држат курсови по турски јазик, како што се бизнис турски и академски турски јазик, со примена на модерни методи“, изјави Атеш.
На почетокот од 2017 година ќе се отвори нов центар во Москва.
„Ние вработуваме луѓе од странство кои дипломирале на туркологија. Затоа, бројот на лица што го сакаат турскиот јазик се зголемува... Дипломираните имаат можност да се вработат во институтот Јунус Емре“, нагласи Атеш.
- Турските ТВ-серијали -
„Турските ТВ-серии имаат голем ефект во зголемувањето на интересот за турскиот јазик и турската култура во странство“, вели Атеш.
„Благодарение на тие серии и филмови, турскиот начин на живеење е промовиран пошироко. Овие серии особено се следат на Балканот, во арапските земји, па дури и во латиноамериканските земји и во Русија“, истакна Атеш.
„Некои лица го учат турскиот јазик за да ги гледаат турските серии“, додаде тој.