Sarp Özer
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
БАКУ (АА) - Турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, денес пристигна во Азербејџан со високи воени претставници по повод одбележувањето на првата годишнина од победата во војната во Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пречекан од азербејџанскиот министер за одбрана, Закир Хасанов, и други официјални претставници во главниот град Баку, Акар и воеата делегација заминаа во културниот центар „Хејдар Алиев“ на свеченоста по повод Денот на победата што се одбележува денес, 8 ноември.
Говорејќи на церемонијата, Акар рече: „Победата е извојувана, но започна нова борба за да се обезбеди постојан мир што ќе донесе стабилност на Кавказ по многу години“.
„Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган покажаа исклучително конструктивен пристап да им оставиме мир на идните генерации, и ја отворија вратата за нова ера заснована на стабилност и соработка“, истакна Акар.
„Сите треба да знаат дека иднината не може да се гради на лутина и омраза. Ерменија треба да се откаже од непријателството и да гледа во иднината“, рече тој.
Турскиот министер Акар истакна декаТурција ќе продолжи да се залага за мир, спокојство и стабилност во регионот како дел од нејзината историска одговорност.
Азербејџанскиот министер Хасанов, од своја страна, рече дека победата во војната во Карабах е една од највеличествените страници во историјата на Азербејџан.
„За време и по војната“, рече тој, „Азербејџан беше зајакнат со политичката и моралната поддршка покажана на највисоко ниво од братска Турција.“
- Ослободување на Нагорно Карабах -
Односите помеѓу Ерменија и Азербејџан се проблематични од почетокот на 1990-тите години кога Ерменија го окупира Нагорно Карабах и уште седум соседни региони, кои се суверен дел од територијата на Азербејџан.
Ерменските сили на 27 септември минатата година почнаа нови напади врз населбите и воените положби на Азербејџан, а азербејџанската војска одговори со операција со цел ослободување на окупираните региони и успеа да им нанесе големи загуби на ерменските сили и да ослободи градови и над 300 населени места во тој регион.
Ерменија и Азербејџан на 10 ноември 2020 година постигнаа договор за ставање крај на судирите во Карабах.
Два месеци подоцна, лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија потпишаа пакт за развој на економските односи и инфраструктурата во корист на целиот регион. Тоа вклучуваше и формирање на трилатерална работна група за Карабах.