Sarp Özer
25 Мај 2022•Ажурирај: 26 Мај 2022
ХАЌАРИ (АА) - Повеќе од 100 терористи на ПКК/ЈПГ се неутрализирани од турските безбедносни сили како дел од турската операција „Канџа-катанец“ во северен Ирак од почетокот на оваа година, соопшти денеска турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на посетата на границата на Турција со Ирак во близина на зоната на операцијата „Канџа-катанец“, Акар за новинарите изјави дека со успешно завршување на најновата операција, земјата ќе ги обезбеди своите граници.
„Нашите операции од низата операции „Канџа“ продолжуваат. Ова е синџир, а последната алка на синџирот е операцијата „Канџа-катанец“. Со успешно завршување на оваа операција, ќе ја прицврстиме бравата и ќе обезбедиме целосна контрола на нашите граници.“
„Операцијата е поддржана од копнени и воздушни возила за артилериска поддршка, како и беспилотни летала“, рече тој.
Додаде дека таканаречените водачи на терористичката организација се во паника и дека ПКК се распаѓа.

„Сево ова е наведено во разузнавачките извештаи“, изјави министерот за одбрана.
Тој порача дека Турција ќе продолжи да се бори против тероризмот со сѐ поголема сила и дека на крајот ќе се ослободи од проклетството на тероризмот.
Откривајќи го митот дека Курдите се приклучуваат на ПКК, тој рече: „Турците и Курдите се сестри и браќа“.
„Доказ за ова единство се нивните гробишта“, рече тој, каде што се закопани Турци, Курди и Арапи еден до друг.
„Целта на операцијата се само терористите“, повтори Акар.
Турција започна последователни операции против ПКК во северен Ирак од 2020 година, а во април ја започна операцијата „Канџа-катанец“ таргетирајќи ги засолништата на ПКК во ирачкиот регион Метина.
Нејзе ѝ претходеа операциите „Канџа-тигар“ и „Канџа-орел“, кои беа започнати во 2020 година за искоренување на терористите кои се кријат во северен Ирак и планираат прекугранични напади во Турција.
Над 35 години ПКК, која е прогласена за терористичка организација во Турција, САД и Европската Унија, е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени, деца и стари лица.