Riyaz Khaliq Khaliq
06 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
АНКАРА
Талибанците денес соопштија дека нивните претставници разговарале за ситуацијата во Авганистан со турскиот амбасадор во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сухаил Шахин, портпарол на талибанците, објави на Твитер дека Кари Дин Мохамад Ханиф, шефот на Одделот од политичката канцеларија на талибанците за Турција и Русија, вчера се состанал со турскиот амбасадор, Џихад Ергенај, во Кабул.
„Тој беше придружуван од Малави Хамидула, вршителот на должноста министер за авијација на талибанците“, рече Шахин.
„Двете делегации разговараа за актуелната ситуација во Авганистан, прашањата поврзани со аеродромот во Кабул, билатералните односи и меѓусебната соработка“, додаде тој.
Претходно денес, Забиула Муџахид, другиот портпарол на талибанците, на прес-конференција во Кабул рече дека Турција и Катар „напорно работат“ за целосно отворање на Меѓународниот аеродром во Кабул.
Минатата недела, лидерот на талибанците и претставниците на „Аријана Авганистан ерлајнс“ за АА изјавија дека американските војници што заминуваат оштетиле цивилни авиони и терминали и радарски систем на аеродромот.