Handan Kazancı
15 Март 2021•Ажурирај: 20 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Во текот на изминатите 10 години, турската Црвена полумесечина им помага на Сиријците што се раселени во нивната земја или се принудени да бараат засолниште во соседните земји, јавува Агенција Анадолија.
Во соопштението на турската Црвената полумесечина се вели дека околу 600.000 животи се безмилосно уништени како резултат на конфликтот што започна во Сирија на 15 март 2011 година.
Според соопштението, повеќе од 11,5 милиони лица раселени во земјата се принудени да живеат во шатори поставени надвор од нивните населби со нивни средства или во кампови поставени од страна на хуманитарните организации. Потреба од засолниште имаат 5,9 милиони лица.
„Околу 80 отсто од оние што живеат во камповите се жени и деца, 60 отсто од децата во земјата се соочуваат со ризик од глад, додека 5 милиони деца заедно со своите мајки имаат итна потреба од храна“, се вели во соопштението.
Турската Црвена полумесечина во моментов дејствува во пет покраини во Сирија, во вкупно седум сместувачки центри.
Околу 60.000 луѓе се примени во овие објекти, а доставени им се храна, облека, хигиенски и едукативни материјали во вредност од 300 милиони турски лири.
Агенцијата соопшти дека 14-те премини по должината на границата меѓу Турција и Сирија продолжуваат непречено да работат.
Преку соработка и донации, до денес е доставена помош со 55.000 камиони во Сирија.
Турската агенција исто така презеде активна улога во евакуацијата на Алепо, Источна Гута и Ал Ваер и воспостави логистички складишта и градови од шатори во Сирија за да им помогне на луѓето што беа евакуирани.
Од 2016 година Турција спроведе четири успешни прекугранични антитерористички операции во северна Сирија за да спречи формирање терористички коридор: „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018), „Извор на мирот“ (2019) и „Пролетен штит“ (2020).
Агенцијата обезбедува регуларна поддршка на оние на кои им е потребна во оперативните зони на операциите „Извор на мирот“, „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.
Турската Црвена полумесечина исто така им помага на сиромашните во 12 кампови и 14 сиропиталишта во сирискиот регион Идлиб и повеќе од 8 милиони луѓе во регионот се поддржани со хуманитарна помош.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.
Инаку, Турција згрижи 3,6 милиони сириски бегалци, најмногу од која било друга земја во светот.