Lokman İlhan
15 Април 2017•Ажурирај: 16 Април 2017
МОКОА (АА) - Канцеларијата за координации на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Богота започна да ја дели хуманитарната помош испратена од Турција за Мокоа, главниот град на административната област Путумајо, кој беше зафатен од катастрофалната поплава во Колумбија, јавува Anadolu Agency (AA).
Хуманитарната помош која со камиони тргна од колумбискиот главен град Богота, на официјалните претставници во градот им беше предадена од доц. д-р Мехмет Озкан, програмски координатор на ТИКА во Богота и асистентот на ТИКА, колумбиецот Нестор Давид Медина.
Медицинската помош која од возилата ја симнаа колумбиските војници ја прими Луз Дари Ортега, претставник на секретаријатот за здравство на Путумајо. Ортега заблагодарувајќи ѝ се на Турција за дадената помош, истакна дека оваа помош е од големо значење за нив.
Останата хуманитарна помош во камионите, со помош на д-р Озкан и Медина беше доставена до локалитетите во градот во кои се згрижени лицата погодени од катастрофалната поплава. Пратката од слатки и лижавчиња која беше испратена, на децата им беше делена од страна на војниците, кои во градот поставија циркус.
Во камионите се наоѓаа и околу 200 пакети со итна медицинска помош, меѓу кои имаше апчиња за главоболка и антибиотици, потоа сетови за хигиена, патерици, средства за помош при движење и светилки на соларна енергија.
- Бројот на загинати се искачи на 321 лица
Национална агенција за управување со катастрофи и кризи даде писмено известување во врска со катастрофалната поплава во Мокоа.
Во известувањето се вели дека бројката на загинати во катастрофална поплава се искачил на 321 лице, од кои 120 се лица под 18 години.
Интензивните врнежи од дожд што го зафатија подрачјето беа причина за прелевање на реките Мокоа и Мулатос. Поплавата која настана, збриша од картата некои места во градот Мокоа.