Mustafa Deveci
26 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
ИСЛАМАБАД (АА) - Во престрелката меѓу индиските и пакистанските војници на границата на Кашмир, животот го загубија 3 пакистански војници, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение на пакистанската војска се наведува дека индиските војници го прекршиле примирјето и отвориле оган во подрачјето на Рукх Чакри, сместено во Азад Кашмир којшто е под контрола на Пакистан.
Во престрелката животот го загубија 3 пакистански војници, додека еден војник е ранет.
Во соопштението се вели дека пакистанската војска возвратила на оганот.
Во вестите коишто беа објавени во индискиот печат, се тврди дека 10 индиски војници ја преминале границата на Кашмир и ја нападнале гранична полициска станица. Во нападот животот го загубиле 3 пакистански војници.
Во саботата се случи судир меѓу пакистанската и индиската војска на една контролна точка. Во судирот животот го загубија 4 индиски војници.
- Проблемот на Кашмир
По повлекувањето на Англија од Индија во 1947 година, Кашмир продолжува да биде управуван како кнежевство, оставајќи го сам да избере дали ќе се приклучи на Индија или Пакистан. Жителите во кнежевството воглавно направиле соодветен избор, меѓутоа, принцот на Џаму и Кашмир во октомври 1947 година донесе одлука подрачјата во кои живат околу 90 отсто муслимани да го приклучи кон Индија. Муслиманската популација на Кашмир се спротивстави на приклучувањето кон Индија, по што Индија и Пакистан испратија свои војски во подрачјето. Првата војна меѓу двете земји избувна во 1947 година поради Кашмир.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во 1948 година донесе одлука да се отстранат воените единици од Кашмир и побара одржување референдум во подрачјето.
Индија како своја територија ги прогласи и подрачјата во Кашмир кои се под контрола на Пакистан. Од друга страна, Пакистан смета дека Кашмир има право сам да ја одредува својата судбина, подржувајќи ја одлуката на СБОН за одржување референдум.
Кашмир во моментов е поделен на три дела. 45 отсто потпаѓа под контрола на Индија, 35 отсто под Пакистан и 20 отсто под Кина.
Подрачјето на Кашмир што е под контрола на Пакистан се нарекува „Азад Кашмир”. Делот од Кашмир што е под контрола на Индија е сојузната индиска држава „Џаму и Кашмир” и претставува единствена сојузна држава во оваа земја во која поголемиот дел е муслиманско население.