Ali Kemal Akan,Zafer Fatih Beyaz
29 Јуни 2022•Ажурирај: 30 Јуни 2022
МАДРИД (АА) - Лидерите на Туркије, Финска и Шведска вчера потпишаа трилатерален Меморандум, а неименувани извори од Претседателството на Туркије нагласуваат дека цврстиот и одлучен став на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган резултирал со сериозна придобивка за Туркије во нејзината борба против терористичките организации, јавува Агенција Анадолија (АА).
На маргините на Самитот на НАТО во Мадрид вчера се сретнаа турскиот претседател Ердоган, претседателот на Финска, Саули Нинисто, шведската премиерка Магдалена Андерсон и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Првиот дел од тој четирилатерален состанок во Конгресниот центар ИФЕМА траеше два часа, а четворката преговорите ги продолжи по паузата.
Домаќин на четирилатералните преговори беше Столтенберг, а се разговараше за барањето на Финска и Шведска за пристапување во НАТО и приговорите и загриженоста кои во тој контекст ги изнела Туркије.
На состанокот присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, шефот на Дирекцијата за комуникации, Фахретин Алтун, портпаролот на Претседателството на Туркије, Ибрахим Калин и шефот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан.
Тричасовните преговори резултираа со трилатерален меморандум кој го потпишаа шефот на турската дипломатија Чавушоглу, финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто и шведската министерка за надворешни работи, Ан Линд.
На церемонијата на потпишувањето присуствуваа главните актери на преговорите: Ердоган, Нинисто, Андерсон и Столтенберг.
Неименуваните извори од Претседателството на Туркије рекоа дека со потпишаниот документ Туркије го добила тоа што го барала.
Истите извори нагласуваат дека одлучниот став на претседателот Ердоган резултирал со сериозна придобивка за Туркије во нејзината борба против терористичките организации.
Особено важен исчекор за борбата која Туркије ја води под водство на Ердоган се смета тоа што во меѓународниот договор јасно пишува дека ФЕТО е терористичка организација, исто како ПКК/ЈПГ/ПЈД.