ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека крвта на турските шехиди (загинати херои) во Идлиб нема да остане неодмаздена и дека досега се убиени повеќе од 2.100 припадници на режимот на Башар ал Асад, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во своето обраќање на собирот на парламентарците на АК Партијата од Истанбул, Ердоган рече дека сириското прашање за Турција никогаш не било авантура, ниту обид за проширување на сопствените граници. Тој изрази жалење поради тоа што гледа дека некои луѓе не ја сфатиле смислата на борбата што Турција ја води во Сирија.
„Поради крвавите напади на режимот на Башар ал Асад, кон турската граница тргнаа четири милиони луѓе. Во моментов, на нашата граница има 1,5 милиони луѓе“, рече Ердоган и порача дека Турција има згрижено 3,7 милиони Сиријци и дека не е во состојба да поднесе нов миграциски бран.
Коментирајќи ја актуелната ситуација во деескалационата зона во Идлиб, на крајниот северозапад на Сирија, Ердоган рече дека прашањето за Идлиб станало алатка во рацете на оние што сакаат Турција да ја втераат в ќош и да ѝ земат сè што има постигнато.
„Турција нема никакви претензии кон нафтата, ниту кон територијата на Сирија. Со воспоставување на безбедносната зона сакаме да ја заштитиме својата граница“, рече Ердоган.
Турскиот претседател наведе дека Турција нема влезено во Сирија на покана на Башар ал Асад, туку на повик на сирискиот народ. Порача дека Турција нема намера да се повлече сè додека истиот тој сириски народ не рече дека работата е завршена.
Ердоган вчера телефонски разговараше со рускиот претседател, Владимир Путин, а утрово рече дека го прашал Путин што прави во Сирија и дека му кажал да гради воени бази ако сака, но да се повлече и да не ѝ стои на патот на Турција.
Обраќајќи се и на делот од јавноста што го поставува прашањето за ангажманот на Турција во Сирија, Ердоган рече дека во спротивно на Турција ѝ се нуди да се предаде на терористичките организации и на непријателскиот режим.
„Сценариото што е пред нас не е насочено против Сирија, туку против Турција. Кога ќе го земат она што го наумиле во Сирија, апетитот ќе им се сврти против Турција“, рече Ердоган и порача дека би било повеќе од наивно да се мисли дека ќе ја почитуваат целосноста на Турција оние што денес фактички ја поделија Сирија.
Тој наведе дека во Сирија има меѓу 40.000 и 60.000 обучени и опремени терористи.
„Да не заборавиме дека од првиот терористички напад на ПКК во 1984 година, на наше тло досега изгубивме близу 7.500 припадници на безбедносните сили и речиси 6.800 цивили“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека сите мора да сфатат и да прифатат дека борбата којашто Турција ја води во Сирија е борба за иднината на сите, Ердоган рече дека Турција ќе ја покаже својата одлучност кон режимот на Башар ал Асад и кон сите што го поддржуваат.
Тој рече дека бројот на турски војници што ги положија своите животи како шехиди (загинати херои) во операцијата во Идлиб е зголемен на 36, и порача дека крвта на турските шехиди нема да остане без освета.
„Досега се убиени повеќе од 2.100 режимски елементи и уништени се близу 300 возила“, рече Ердоган, додавајќи дека синоќа се уништени седум складишта за хемиски производи на режимот.
Нагласувајќи дека Турција не сакала ситуацијата да ескалира до оваа мера, Ердоган рече дека Турција е принудена на тоа и дека цената ќе ја платат оние што го предизвикаа тоа.
Тој порача дека Турција и понатаму ќе продолжи да работи на планот за воспоставување безбедносна зона за цивилите во појас од 30 километри во пограничниот појас на Сирија.
„Ни беше ветено дека терористите на ПКК, ПЈД ќе бидат отстранети од тој појас. Ниту Русија, ниту САД не можеа да го одржат зборот и да ги повлечат овие терористи“, рече Ердоган и додаде дека терористите во Сирија добиваат голема помош во оружје и опрема, и дека и режимот исто така купува оружје од тие земји, додека Турција не прима помош од никого.
Турскиот претседател изјави дека Турција и претходно има предупредувано дека ќе мора да ги отвори границите ако продолжи кризата и бранот мигранти од Сирија.
„Што рековме пред неколку месеци? Рековме дека ќе мора да ја отвориме границата ако продолжи кризата. Се вознемирија, но не ни поверуваа. Што направивме вчера? Ги отворивме. До утрово границата ја минале речиси 18.000 мигранти, но денес тоа би можело да се искачи на 25.000-30.000“, рече Ердоган.
Тој порача дека Турција во наредниот период нема да ја затвори границата, а дека Европската Унија мора да ги одржи своите ветувања што ѝ ги даде на Турција во врска со мигрантската криза.
Коментирајќи ја економската ситуација во Турција, Ердоган рече дека земјата со сигурни чекори се движи кон решавање на економските проблеми што настанаа како последица на нападите од 2018 година.
„Сите показатели потврдуваат дека периодот на закрепнување е зад нас и дека повторно започнавме економски да растеме“, рече Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact
