ВАШИНГТОН (АА) - ДИЛДАР БАЈКАН -
Во Соединетите Американски Држави (САД) на 3 ноември ќе бидат одржани претседателски избори, а последните анкети покажуваат дека кандидатот на демократите, Џо Бајден, води за повеќе од десет поени. Сепак, сите очи се вперени во клучните сојузни држави, кои во голема мерка ќе ја одредат судбината на изборите, пишува Агенција Анадолија (АА).
Изборите ќе бидат организирани во сенка на пандемијата на Ковид-19, а во трката за функцијата претседател на САД ќе бидат републиканецот Доналд Трамп и демократот Џо Бајден.
Анкетите внимателно се следат пред изборите, а по 2016 година јавноста ја преиспитува нивната веродостојност.
Американската интернет-страница на која се достапни политичките анализи, „Real Clear Politics“, ги соопшти резултатите од анкетите составени врз основа на просекот на речиси сите анкети на национално ниво, кои покажуваат дека Бајден води за 10,6 поени.
- Врз анкетите се одрази и заразувањето на Трамп со Ковид-19 -
На двоцифреното зголемување на разликата меѓу Бајден и Трамп влијаеше и тоа што актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, беше заразен со Ковид-19.
Изјавите на Трамп откако беше заразен и по излегувањето од болницата дека не треба да се плашиме од Ковид-19, вирусот поради кој во САД починаа повеќе од 220.000 лица, предизвикаа критики кај одредени групи гласачи.
Имено, на 1 јули разликата меѓу Трамп и Бајден изнесуваше 9,4 поени, за до 2 октомври, кога беше соопштено дека претседателот е заразен со Ковид-19, да се намали на 7,4 поени.
Меѓутоа, по 2 октомври дојде до значително зголемување на разликата, па Бајден премина во водство за 10,6 поени.
- Не победува оној со најмногу гласови, туку оној што ќе добие 270 делегати (електори) -
Гласачите на претседателските избори на 3 ноември ќе гласаат за делегати на партиите што ги поддржуваат. Во системот на САД наречен Изборен колегиум има 538 делегати (електори), распоредени во различен сооднос за секоја сојузна држава.
Кандидатот за претседател што ќе има ја поддршката од 270 делегати ќе биде избран за претседател.
Всушност, тука во глобала не победува оној што има најмногу гласови, туку оној што ќе ја добие довербата на најголемиот број делегати, што е една од најинтересните карактеристики на американскиот политички систем.
Иако Хилари Клинтон на изборите во 2016 година доби повеќе од три милиони гласови, нејзиниот противник Трамп победи бидејќи ја доби поддршката од 304 делегати.
- Судбината на изборите ја одлучуваат сојузните таканаречени „свинг-држави“ -
Иако резултатите на анкетите му даваат предност на Бајден, судбината на изборите ќе ја одлучат т.н. „свинг-стејтс“ (колебливи држави оп.а), односно оние држави со променлива гласачка поддршка.
Од 270 делегати колку што е потребно за кандидатот да стане претседател, 101 се наоѓаат во шест „свинг-стејтс“. Така двете најважни сојузни држави на изборите 2020 се Пенсилванија и Флорида.
Кандидатот на демократите, Бајден, во Пенсилванија на 1 јули водеше за седум поени, а засега успеа да ја задржи предноста.
Иако Бајден на 1 јули на Флорида водеше за 6,4 поени, Трамп во последно време ја намали таа разлика на 3,7 поени.
Во останатите „свинг-држави“, меѓу кои се и Винсконсин, на 1 јули Бајден водеше за 6,5 поени, а сега за 5,5. Во Мичиген на 1 јули водеше за 7,5 поени, а сега кандидатот на демократите е во предност за 6,7 поени.
На чело на „свинг-државите“ е Северна Каролина. Бајден на 1 јули беше во предност три поени, а сега разликата е само 1,4 поени.
Во Аризона, на 1 јули Бајден водеше за 4,2 поени, а сега разликата е намалена на 2,7.
- Анкетите не дадоа точни информации во „свинг-државите“ во 2016 -
Резултатите од анкетите од 12 октомври 2016 година во „свинг-државите“ предност ѝ даваа на Клинтон, но победник во шест држави на 8 ноември вечерта беше Трамп.
Клинтон на 12 октомври 2016 година во Мичиген беше во предност девет поени, во Висконсин 6,7, во Пенсилванија 8,7, во Северна Каролина 2,6, во Аризона еден, а во Флорида 2,7 поени.
Особено по изборите 2016 година, во фокус дојдоа и прашањата за веродостојноста на анкетите.
Анкетите од 13 октомври 2016 покажаа дека Хилари Клинтон на ниво на државата води за 7,1 поен. Покрај тоа и на денот на изборите на 8 ноември 2016 година, Хилари Клинтон беше во предност за 3,2 поени во однос на Трамп.
Меѓутоа, ноќта на 8 ноември соопштени се резултатите кои изненадија многумина, а Трамп доби поддршка во клучните држави.
Фактот дека во Мичиген, што инаку е познат по демократскиот став, Трамп ја победи Клинтон за 10,704 гласови, уште еднаш потсети на важноста на овие држави.
Аналитичарите предупредуваат дека иако предизборните анкети му даваат предност на Бајден, резултатите на 3 ноември поради изброниот систем во земјата би можеле да бидат поразлични.
Одредени експерти предупредуваат дека анкетите се непотполни, пристрасни или недоволни и дека поддржувачите на Трамп поради одредени дози притисок за време на анкетите не велат дека го поддржуваат Трамп или републиканците.
Од друга страна, наведуваат и дека значаен дел од анкетите во САД се водат преку телефон, поради што не се добиваат веродостојни резултати.
Анкетите објавени преку интернет, исто така, предизвикуваат доза сомнеж и добиваат нова димензија.
- Ниска излезност на изборите -
Во САД право на глас имаат околу 255 милиони, а излезноста е претежно околу 55 отсто.
Поради тоа, клучна улога игра излезноста на гласачите кои поддржуваат одредена партија, во однос на општата излезност на гласачите на ниво на земјата.