Ahmed Asmar
26 Декември 2024•Ажурирај: 27 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 14 Палестинци, меѓу кои три жени и две деца, се убиени во најновите израелски воздушни напади денес врз Појасот Газа, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Изворите истакнаа дека осум лица се убиени во напад на дом во населбата Сабра во јужниот дел на градот Газа.
Меѓу жртвите има три жени и две деца, додаваат тие.
Израелско артилериско гранатирање е забележано и во населбата Зејтун во јужниот дел на градот Газа, но сè уште нема информации за жртви.
Убиени се уште четворица Палестинци, а повеќемина се повредени во напад на израелски борбени авиони врз куќа во северниот град Џабалија, изјавија изворите.
Тела на две лица се пронајдени и по напад на израелско беспилотно летало во северна Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, додадоа изворите.
Според очевидци, една медицинска сестра била повредена кога израелските сили активирале робот со експлозив пред болницата „Камал Адван“ во северниот град Беит Лахија.
Робот со експлозив бил активиран и пред болницата „Ал-Авда“, изјавија очевидци.
Израел ја продолжува геноцидната војна во Газа во која од 7 октомври 2023 година се убиени речиси 45.400 Палестинци, повеќето жени и деца.
Минатиот месец Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.