Gamze Türkoğlu Oğuz
13 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Најавено е дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе ја посети Флорида, која беше погодена од ураганот Ирма, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалните претставници на САД соопштија дека претседателот Трамп, со цел да се информира директно од местото на несреќата, заедно со својата сопруга, в четврток ќе ја посети Флорида.
Во меѓувреме, директорот на Федералната канцеларија за управување со вонредни состојби, Брок Лонг, изјави дека во подрачјето на архипелагот Кис во Флорида, урнати се 25 отсто од куќите, а 65 отсто од нив се оштетени.
Околу 90.000 жители на Флорида Кис и Мајами Бич се вратија во своите домови, а во подрачјата погодени од ураганот, покрај работата на спасувачките екипи, во тек се и акции за давање помош во храна и вода за пиење.
Бројот на загинатите од налетот на ураганот Ирма во САД, во Флорида, Јужна Каролина и Џорџија се зголеми на 18 лица, а на Карипските Острови, досега се пронајдени телата на 37 лица.
Во американските сојузни држави Флорида, Џорџија, Северна Каролина, Јужна Каролина и Алабама, 6,9 милиони семејства се без електрична енергија, а 110.000 лица на Флорида се сместени во прифатилишта.
Поради ураганот Ирма беше организирана најголемата евакуација во историјата на САД. Од Флорида беа евакуирани околу 6,5 милиони лица, што е околу третина од нејзиното население.
И во сојузните држави Северна Каролина, Јужна Каролина, Џорџија и Вирџинија беше прогласена делумна или целосна вонредна состојба.