Övünç Kutlu
27 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер вчера изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп има нов план за финансирање на ѕидот на границата со Мексико, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието порача дека неговата земја нема да ја плати изградбата на ѕидот на границата со САД. Трамп како одговор на тоа одлучи да наметне данок од 20 отсто на увоз од Мексико во склоп на најновите даночни реформи.
Спајсер изјави дека опсежните реформи што Трамп ги планира со Републиканците ќе вклучуваат и даноци за увоз од другите земји, вклучувајќи го и Мексико.
„Така можеме да собереме 10 милијарди долари на годишна основа и лесно ќе можеме да платиме за ѕидот само по пат на тој мехаизам. Тоа навистина ќе ги обезбеди потребните средства“, изјави Спајсер.
Според официјалните податоци, извозот на Мексико во САД во 2015 година е проценет на 316,4 милијарди долари. Трговскиот дефицит е проценет на 50 милијарди долари.
Данокот би можел да предизвика голем пораст на цената на производите од Мексико, а портпаролот на Белата куќа ги избегна прашањата за можното влијание на најавениот данок на американските потрошувачи.
Да потсетиме, претседателот на САД, Доналд Трамп вчера изјави дека разговорите со претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието, не би вродиле плод.
Трамп рече дека состанокот не би бил корисен доколку Мексико навистина не е подготвено да ја плати изградбата на ѕидот на граница со САД.
Претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието денес го откажа состанокот со новиот американски претседател Доналд Трамп.